Џанлуиџи Буфон, еден од најдобрите голмани во историјата на фудбалот, поднесе оставка од функцијата шеф на италијанската делегација по неуспехот на „аѕурите“ да обезбедат пласман на Светското првенство.
Италија доживеа пораз во Зеница од селекцијата на Босна и Херцеговина, со што остана без настап на Мундијалот. Набрзо по оставката на првиот човек на федерацијата, Габриеле Гравина, ист чекор направи и Буфон.
Во своето обраќање, легендарниот чувар на мрежата истакна:
„Со оглед на тоа што претседателот Гравина одлучи да поднесе оставка, чувствувам дека морам да го сторам истото бидејќи тоа е одговорен чин. И покрај моето искрено верување дека изградив толку многу во однос на тимскиот дух со Гатузо и сите мои соработници за ова кратко време, главната цел беше да се квалификуваме за Светското првенство.
Не успеавме. Правилно е да им ја оставам слободата на оние што доаѓаат по мене да ја изберат личноста што ја сметаат за најдобра за мојата улога“.
Со овој неуспех во Зеница, Италија ќе го пропушти третото Светско првенство по ред, што претставува сериозен удар за поранешниот светски шампион. Според најавите следен кој се очекува да ја поднесе оставката е селекторот Џенаро Гатузо.