Во емисијата Опен ВАР беа анализирани спорните ситуации од последното коло во Серија А, а под лупа особено беше ставен натпреварот помеѓу Интер и Аталанта.
„Нероаѕурите“ беа бесни откако во саботата испуштија два бода во пресметката против Аталанта и отворија врата за Милан да се доближи на само -5 („росонерите“ сепак загубија во неделата против Лацио, па разликата сега е 8 бода).
Гостите од Бергамо дојдоа до 1-1 под контроверзни околности откако Дамфрис падна по еден контакт со Сулемана, а во продолжението од мечот, не беше досудено ништо по еден дуел помеѓу Фратези и Скалвини во шеснаесетникот.
Во емисијата Опен ВАР на ДАЗН, како и секоја недела, беше објавен аудио записот од ВАР собата, а поранешниот судија Дино Томази брифираше дали и зошто биле погрешни одлуките.
За голот на Аталанта за 1-1, тој вели дека погодокот на Крстовиќ бил чист како солза.
„Нема туркање, раката на Сулемана е на грбот на Дамфрис, но едвај го допира. Немаше ни доволно контакт во долниот дел, па одлуката на теренот беше исправна како и анализата во ВАР собата, каде беа разгледани сите опции“ – вели Дино Томази.
Но тој додава дека Интер сепак бил оштетен, стартот на Скалвини врз Фратези бил пенал, и доколку главниот судија Манганиело не ја видел најдобро ситуацијата, од ВАР собата морале да го корегираат.
„Фратези прв стигна до топката и беше удрен од Скалвини. Ова е пенал, било покажувано на белата точка за исти или слични стартови и во минатото. Докулку судијата на теренот не може да забележи убаво, ВАР мора да интервенира и да го повика на мониторот крај теренот да види што точно се случувало“.