Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, потврди дека селекцијата на Иранците ќе можат без пречки да учествуваат на Светското првенство, откако за тоа добил уверување од претседателот на САД, Доналд Трамп.
Инфантино објасни дека на средбата со Трамп разговарале за организацијата на претстојниот Мундијал, кој ќе се одржи во САД, Канада и Мексико, но и за статусот на Иран, кој веќе обезбеди место на турнирот.
„Имав можност да разговарам со претседателот Доналд Џ. Трамп за подготовките за Светското првенство, кое започнува за помалку од сто дена. Се осврнавме и на ситуацијата со Иран, чија репрезентација веќе се квалификуваше. Претседателот потврди дека иранскиот национален тим е добредојден да настапи на турнирот во САД“, изјави Инфантино.
Тој потенцираше дека токму настани како Светското првенство имаат моќ да ги зближат луѓето во периоди на глобални тензии.
Репрезентацијата на Иран на турнирот ќе игра во групата Г, каде за противници ќе ги има селекциите на Белгија, Египет и Нов Зеланд.