Португалскиот фудбалер и ѕвезда на ПСЖ, Витиња, стави крај на сите шпекулации околу својата иднина и евентуален трансфер во Реал Мадрид.
Во разговор за француските медиуми, тој јасно порача дека не планира да го напушти Париз, разочарувајќи го раководството и навивачите на шпанскиот гигант, кои го сметаа за идеален наследник на Лука Модриќ.
На директното прашање за можен трансфер во Реал Мадрид, за кој се пишуваше со месеци, Витиња одговори без двоумење:
„Би било глупаво да одам таму. Не мислам дека тоа е најдобро за мене. Тука во ПСЖ се чувствувам многу добро“, изјави Португалецот.
Тој додаде дека е посветен на клубот, со кој има договор до 30 јуни 2029 година:
„Чувствувам дека луѓето ме ценат и дека ја заслужив таа доверба. Драго ми е што сум тука, моето семејство е среќно и имаме фантастичен тим и неверојатен тренер“, додаде Витиња.
Витиња важи за моторот на средината на теренот во ПСЖ, а во Шпанија одамна се шпекулира дека токму тој е играчот што му недостасува на новиот проект на Реал Мадрид.