Тренерот на Челси, Лиам Розениор, испрати сериозно предупредување до своите фудбалери по новиот црвен картон и лошата дисциплина која го следи тимот цела сезона. По поразот од Арсенал со 2-1, на кој Педро Нето беше исклучен, Челси стигна до деветтиот црвен картон во сите натпреварувања оваа сезона, најмногу во Премиер лига.
„Тоа мора да се поправи. Мојата работа е да создадам култура во која се презема одговорност. Во ред е да згрешите, но мора да го признаете тоа и да се погрижите да не се повтори. Ако јас погрешам со составот, моја должност е да преземам одговорност. Истото важи и за играчите на теренот“, изјави Розениор.
Тој додаде дека тимот не смее постојано да се доведува во ситуација да игра со фудбалер помалку.
„Не можам да си дозволам на секои два или три натпревари да играме со играч помалку, тоа е неодржливо. Ќе морам да го прилагодам изборот на фудбалери според тоа кој покажува дека може да се контролира“, порача стратегот на лондонскиот клуб.
Нето ќе го пропушти следниот меч против Астон Вила, а притисокот врз тимот дополнително расте бидејќи Челси се наоѓа на дното на фер-плеј табелата.