Стив Мекларен откри дека односот помеѓу Кристијано Роналдо и Ерик тен Хаг се влошил кога Португалецот одбил да врши висок пресинг на противничката половина.
Кристијано Роналдо го напушти Олд Трафорд во ноември 2022 година по едно експлозивно интервју со Пирс Морган.
Португалецот не се штедеше со критиките, го нападна и семејството Глејзер како и тренерот Ерик тен Хаг.
Стив Мекларен, кој беше дел од тренерскиот персонал на Тен Хаг, сега откри зошто пукнала тиквата помеѓу напаѓачот и Холанѓанецот.
„Имаше многу битки на тренинзите. Имаше многу, „сакам од тебе само ова, ова и ова“. Тоа беше тренерскиот пристап на Ерик, јасно му кажуваше на Рони која му е задачата“ – вели Мекларен.
„Разговарав и јас со Рони, „Види, се што сака тој (Тен Хаг) од тебе е да бидеш првиот што ќе изврши пресинг, направиш едно… две… можеби и три трчања ако можеш“.
„Потоа врати се назад до средината на теренот, па ако ја освоиме топката, ќе ти ја додадеме. Тоа е се што бара од тебе“.
„Ако не можеш да го правиш тоа, нема да играш, едноставно нема да те избере. Беше малку како борба, или повеќе би рекол надмудрување, кој ќе попушти и кој ќе победи?
„Ерик остана на својот став. Мислам дека да беше друг тренер, ќе му дадеше шанса да игра, и ќе го толерираа ова однесување се додека тој даваше голови“.
„Но Ерик реши да остане доследен на своите замисли, па се случи тоа што се случи, тргнаа по различни патишта и мислам дека тоа беше најдоброто“.