Дисциплинската комисија при Фудбалската федерација на Италија ги одреди казните за инцидентите на натпреварот помеѓу Интер и Јувентус, суспензии за Пјер Калулу, Дамиен Комоли и Џорџо Кјелини, додека Алесандро Бастони помина без санкција.
„Дербито на Италија“ донесе контроверзно исклучување на Пјер Калулу, и хаотични сцени во тунелот кон соблекувалните, кога директорите на Јувентус сакаа да се пресметаат со судијата Ла Пена.
Дисциплинската комисија при ФФИ сега ги одреди казните и најлошо помина директорот Дамиен Комоли, кој е суспендиран до 31. март, а ќе треба да плати и глоба од 15.000 евра.
Тој се товари дека „на крајот од натпреварот, во тунелот кон соблекувалните, покажал агресивно и сериозно заплашувачки став кон главниот судија, се обидел и физички да го нападне, но контакт бил избегнат благодарејќи на интервенцијата на тренерот на Јувентус и останатите соработници. Дополнително, упатил навредливи зборови, а го повторил однесувањето и пред соблекувалната на судијата“.
Џорџо Кјелини ќе биде суспендиран до 27. февруари бидејќи „протестирал и покажал непочитување кон судијата во тунелот, го повторил однесувањето и пред соблекувалната на судијата, а упатил и навредливи критики“.
Пјер Калулу доби еден натпревар суспензија, додека пак Алесандро Бастони помина без санкција, и покрај тоа што јасно беше дека симулираше.