Екипата на Ливерпул мисли и на иднината, па така сега го доведе 18-годишниот сенегалски дефанзивец Мор Тала Ндиаје, кој на „Енфилд“ пристигнува од клубот Амити ФЦ, чиј сопственик е поранешниот напаѓач на Челси, Демба Ба. Трансферот, според медиумите, изнесува околу еден милион фунти.
Иако сумата не е значајна за англискиот гигант, во Ливерпул веруваат дека добиле фудбалер со голем потенцијал. Ндиаје во почетокот ќе биде дел од У21 тимот на „црвените“, кој го води Роб Пејџ, каде ќе ја започне својата адаптација и развој со цел во иднина да се избори за место во сениорскиот состав.
„Ливерпул го комплетираше трансферот на дефанзивецот Мор Тала Ндиаје. Младиот сенегалски централен бек, кој неодамна наполни 18 години, доаѓа од Амити ФЦ и ќе настапува за нашиот У21 тим. Ндиаје ја претставуваше својата репрезентација на Светското првенство за играчи до 17 години во ноември, каде одигра четири натпревари и стигна до нокаут фазата. Исто така има настапи и за селекцијата на Сенегал до 18 години“, стои во соопштението на Ливерпул.