Португалскиот репрезентативец Витиња прерасна во еден од најважните фудбалери на Пари Сен Жермен и важи за еден од најдобрите играчи за врска во светот во моментов.
Фудбалерот на ПСЖ сезонава ја освои француската титула, Купот на Франција и Лигата на шампионите, а неговиот придонес беше толку голем што заврши на третото место во изборот за Златната топка. На почетокот на годината го продолжи договорот со парижани, но и покрај тоа неговото име сè почесто се поврзува со Реал Мадрид, каде што го гледаат како идеален наследник на Лука Модриќ. Во интервју за шпанска „Марка“, Витиња отворено зборуваше за фудбалерите кои најмногу го инспирирале низ кариерата, а меѓу нив се најде и хрватската легенда.
„Најмногу ме инспирира Андрес Иниеста. Секако, покрај него и Лука Модриќ. Тие двајца отсекогаш биле моите најголеми идоли“, изјави Витиња, зборови кои само дополнително ја засилија приказната за поврзаноста со Реал.
Интересно е што почитта е взаемна, бидејќи Модриќ важи за голем почитувач на квалитетите на Витиња и наводно токму тој го препорачал Португалецот како свое решение за иднината на средниот ред во Мадрид.
Шпанските медиуми веќе подолго време пишуваат дека Витиња е една од најголемите желби на Реал Мадрид, а сè погласни се шпекулациите дека токму тој е означен како природен наследник на Лука Модриќ.