Инсиње може да се врати во Серија А и тоа кај својот омилен тренер!

by Стефан
1 минути читање

Лоренцо Инсиње би можел повторно да се врати на сцената во Серија А. Поранешниот италијански репрезентативец, кој има 34 години и неодамна остана без договор со Торонто, според најавите на италијанските медиуми би можел да се пресели во Лацио во зимскиот преоден рок.

Раководството на римскиот клуб наводно е подготвено да му понуди краткорочен договор до крајот на сезоната, со можност соработката да биде продолжена за уште една година. Дополнителен мотив за Инсиње би била соработката со Маурицио Сари, тренер под чие водство крилниот напаѓач ги одигра најдобрите години од својата кариера.

Во периодот додека Сари го предводеше Наполи, Инсиње редовно беше меѓу најефикасните фудбалери на тимот, со двоцифрен број голови во неколку сезони, а својот врв го достигна во сезоната 2016/17, кога забележа 20 погодоци и 11 асистенции.

Инсиње осум сезони го носеше дресот на Наполи, пред во летото 2022 година да замине во МЛС и да потпише за Торонто. Сепак, тековната сезона не беше на посакуваното ниво, бидејќи на 12 настапи успеа да постигне само еден гол.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×