Лигата на шампионите од сезоната 2024/25 ја направи една од најголемите реформи во последните години и групната фаза беше заменета со лигашки дел од 36 учесници.
Со овој нов формат од УЕФА најавуваа дека се добива на дополнителна неизвесност, односно дека секој натпревар до крајот на првиот дел ќе биде важен, а исто така и почесто гледаме дерби пресметки.
Но, сега се појавија контроверзии. Чилеанската консултантска компанија „MatchVision“ поднесе тужба против УЕФА, обвинувајќи ја дека го украла нивниот авторски заштитен концепт за лига со 36 клубови. Според тврдењата, идејата и алгоритмите ги патентирал нејзиниот основач Леандро Шара уште во 2006 година, а УЕФА била запознаена со концептот уште во 2013.
ФИФА наводно го признала „MatchVision“ како носител на ексклузивите права, а сега Шара лично бара 200 илјади евра, додека компанијата тужи за обештетување во висина од 20 милиони евра поради „кражба на форматот“. УЕФА ги отфрли обвинувањата како неосновани и најави дека ќе го брани својот став пред суд.