Нико Паз ја продолжува блескавата развојна линија и оваа сезона целосно потврдува дека е еден од најталентираните млади фудбалери во Европа. Неговите партии не останаа незабележани и многу големи клубови веќе се борат за неговиот потпис.
Сепак, ситуацијата со неговиот договор не е ниту малку едноставна. Реал Мадрид согласно информациите од Шпанија планира да ја активира клаузулата која ја има за негово враќање која изнесува девет милиони евра. Планот на клубот е да го продаде за значително повисок износ, најмалку шест пати поголем од сумата што би ја вложиле.
Интер сака да ја искористи шансата и да го донесе младиот плејмејкер во своите редови. Легендата на клубот Хавиер Занети кој е и потпретседател активно се вклучи во преговорите и веќе оствари контакти со агентот на фудбалерот. Газета дело Спорт објави дека клубот од Милано е подготвен да плати повеќе од педесет милиони евра што би претставувало голем трансфер за летниот преоден рок.
Паз за Комо сезонава има четири постигнати голови и четири асистенции и е меѓу најзаслужните за фантастичниот старт на тимот во Серија А. Аргентинецот од натпревар во натпревар ја докажува својата класа и затоа не е чудно што интересот за него станува сè поголем.