Лионел Меси повторно блесна во МЛС и уште еднаш ја потврди својата апсолутна доминација во американскиот фудбал. Аргентинскиот генијалец постигна хет-трик во убедливата победа на Интер Мајами од 5-2 против Нешвил во последното коло од регуларниот дел на сезоната.
Со оваа партија, Меси ја заврши регуларната сезона со 29 голови и 19 асистенции на само 28 одиграни натпревари, што е импресивен учинок дури и според неговите стандарди. Така уште еднаш потврди дека и на 38 години останува фудбалер кој прави разлика секогаш кога ќе се појави на теренот.
Покрај титулата за најдобар стрелец, Меси ќе го добие и признанието за најкорисен играч на сезоната (МВП), со што ќе стане само втор фудбалер во историјата на МЛС што ја освојува оваа награда две години по ред, по Лендон Донован.
Интер Мајами регуларниот дел го заврши на третото место во Источната конференција, а Меси и соиграчите во плејофот повторно ќе се сретнат со Нешвил, противникот кој синоќа го почувствува целиот сјај на аргентинскиот ас.