Арсенал беше на прагот на пораз на „Сент Мери“, но во финишот од средбата гол постигна Оливие Жиру, кој станува мајстор за погодоци во завршницата. Во 2017, Французинот дури во 10 наврати ги тресел противничките мрежи по 80. минута.
Саутемптон одлично го отвори натпреварот, Остин погоди веќе во 3. минута, а домаќините 60 секунди подоцна имаа уште една добра шанса. Арсенал потоа ги консолидираше редовите, ја зеде топката во свои нозе, но не успеваше посериозно да го загрози голот на противникот. Најзрелата шанса во првиот дел ја имаше Рамзи, но неговиот удар по земја беше одбранет од Форстер.
Во вториот дел, Ромеу ја погоди пречката, а Редмонд имаше шанса предвреме да го реши победникот, но неговиот удар заврши крај голот.
Казната за овие промашувања стигна во 88. минута, Санчез нафрли а Жиру одлично се снајде и со глава ја затресе мрежата на домаќините за 1-1.