Тренерот на Челси, Енцо Мареска вели дека го нема видено Рахим Стерлинг од почетокот на новата сезона, Англичанецот е најплатениот играч на „сините“ со неделни примања од околу 325.000 фунти.
Челси изминатово лето продаде или позајми дури 21 фудбалер, но и покрај тоа има неколку играчи за кои нема место во тимот.
Еден од нив е Рахим Стерлинг, кој е најплатениот на „Стемфорд Бриџ“ со неделни примања од околу 325.000 фунти.
Не само што нема шанси тој да се врати во тимот, Енцо Мареска вели дека го нема видено Англичанецот речиси еден месец.
„Тие (Стерлинг и Дисаси) се фудбалери на Челси, но во моментов тренираат одвоено од тимот и планот е да така да продолжат“ – вели предводникот на „сините“.
„Откако почна новата сезона, не сум го видел ниту Стерлинг, ниту Дисаси. Тие тренираат во различно време и на различен терен. Не сум ги видел речиси еден месец“.
Стерлинг беше мета на неколку клубови, но тој преферираше да остане во Лондон за да биде поблиску до своето семејство.
Сепак, поради неговата висока плата, ниту еден клуб како Фулам, Кристал Палас или Вест Хем не загриза посериозно за услугите на напаѓачот.