Еден од најстарите фудбалски клубови во Холандија, Витесе кој има традиција долга 133 години, доби голема битка откако Апелациониот суд ја усвои жалбата на клубот против одземањето на професионалната лиценца. Тоа значи дека вториот најстар клуб во земјата ќе го задржи статусот и ќе може да продолжи да се натпреварува во професионалните холандски лиги.
Претходно, првостепениот суд одлучи дека на Витесе ќе му биде одземена лиценцата поради повторени прекршувања на правилата за лиценцирање.
„Судот смета дека во главната постапка што ја води Витесе одлуките на Комисијата за лиценцирање и Комисијата за жалби не можат да важат. Причината е што тие биле донесени под силен временски притисок и без потребното внимание. Такво внимание било неопходно, бидејќи санкцијата е најстрога можна мерка што може да му се изрече на еден професионален клуб“, стои во образложението.
Со оваа одлука, Витесе ќе се натпреварува во Втората холандска лига, но клубот се соочува со сериозен предизвик бидејќи повеќемина фудбалери веќе го напуштија тимот како слободни.
Фото: Vitesse FC/FB