Лука Модриќ попладнево беше промовиран како нов фудбалер на Милан, а Хрватот веднаш постави високи стандарди за своите соиграчи и порача дека „росонерите“ мора да се борат за трофеи.
Милан попладнево го промовираше Лука Модриќ како ново засилување, Хрватот потпиша уште минатиот месец, но мораше да почека да се појави пред новинарите поради обврските со Реал Мадрид на Светското клупско првенство и продолжениот одмор.
„Пораснав гледајќи Калчо и Милан беше мојот омилен клуб бидејќи имаше огромна армија навивачи во Хрватска. Исто така мојот идол Бобан настапуваше тука, па секогаш сум имал наклонетост кон овие бои“ – речи фудбалерот од средниот ред.
„Да не заборавиме дека Милан е еден од најголемите клубови во светот, има седум титули во Лигата на шампионите“.
„Па не смееме да се задоволиме со просечност и само со настап во Лигата на шампиони. Да, можеби настап во Лигата на шампиони е минимум цел, но јас сакам да освојам трофеј. И ова не треба да биде само моја цел, освојување трофеј треба да биде целта на сите други кои се дел од Милан“.
Запрашан што може да понуди, Хрватот вели: „Можам да понудам искуство. Ќе работам напорно и ќе го дадам максимумот, како што тоа го правев и во другите клубови. Ќе помогнам на секој можен начин. Знам дека се очекува многу од мене, но подготвен сум и со нетрпение чекам да почнам да играм“.
Последниот фудбалер кој настапуваше со 40 години во дресот на Милан беше Златан Ибрахимовиќ и тој донесе Скудето.
„Се надевам дека нешто слично може да се случи и сега, би бил многу среќен доколку ова се повтори“.
ФОТО: X/AC Milan