Работнички го очекува двомеч со Торпедо Белаз во рамките на првото коло од квалификациите за Конференциската лига. На прес-конференцијата во Унгарија тренерот Бојан Маркоски го најави двомечот против белорускиот противник.
„Време е за европскиот предизвик. Се подготвувавме за ова, го анализиравме противникот, Торпедо-Белаз е квалитетен тим, но ние сакаме позитивно да го стартуваме ова европско лето. Верувам во тимот, ќе сториме сѐ да оствариме посакуван резултат и реваншот во Скопје по седум дена да го дочекаме со еден чекор поблиску до пласман во следното квалификациско коло. Работнички по седум години е повторно во Европа, и тоа апсолутно нѐ мотивира сите да дадеме и повеќе од максимум, и овде во Унгарија, како и на вториот меч во Скопје“, изјави Маркоски.
Покрај тренерот своите очекувања ги изнесе и искусниот играч Бесир Демири, а тој кажа:
„Се подготвувавме за ова, уште од првиот ден, кога почнавме со работа во оваа нова сезона. Тимот е подготвен за предизвикот, имаме своја цел и веруваме дека ќе ја исполниме доколку ја спроведеме на дело стратегијата на шефот на стручниот штаб Бојан Маркоски. Новите засилувања одлично се вклопија, атмосферата е на највисоко ниво и сите сме максимално фокусирани на утрешниот прв дуел со Торпедо-Белаз. Нѐ очекува голема битка, а се надеваме дека на крајот ќе има позитивен изход за нас“.
Пресметката меѓу Работнички и Торпедо која се игра во Унгарија е на програмата в четврток од 20:00 часот.