Швеѓанецот во
јули 2016 потпиша за „Црвените ѓаволи“ и импресионираше со своите настапи во
деби сезоната во Премиерлигата, но убавата приказна имаше лош крај откако
напаѓачот заработи тешка повреда на коленото во април.
На Златан
Ибрахимовиќ му се предвидуваше долга пауза, до почетокот на 2018, па Манчестер
јунајтед во прв момент се откажа од идејата за продолжување на соработката со
голгетерот.
Сепак, Златан
нема да биде Златан доколку не ги надмине очекувањата, тој побрзо се опоравува
од предвиденото, во август одново потпиша за Манчестер јунајтед и сега е на
чекор до враќање на терените.
Па затоа тој
седна на разговор со Тјери Анри, и му откри дека се вратил на Олд Трафорд за да
ја освои Премиерлигата.
„Се враќам за да
го завршам она што го започнав” – вели Ибракадабра, кој во првата година го освои Комјунити Шилд, Лига
Купот и Лига Европа.
„И покрај се што
постигнав во првата сезона, освоивме три трофеи, крајот не беше оној кој јас го
посакував, или поточно, никој не го посакуваше, особено поради начинот на кој
се одвиваше сезоната”.
„Па целта сега е
Премиерлигаа. Тоа е целта која ја зацртав. Се што започнав првата сезона, ќе го
довршам во втората”.
Фановите на
Манчестер јунајтед веројатно токму ова сакаат да го слушнат од Златан
Ибрахимовиќ, кој за кратко време се промовираше во лидер. На Жозе Мурињо
сигурно му е потребен ваков карактер бидејќи по неочекуваниот пораз кај
Хадерсфилд, „Црвените ѓаволи“ заостануваат пет бода зад лидерот Манчестер Сити.