Официјално: Оливие Жиру потврди дека заминува од Милан

by 24 фудбал
2 минути читање

Она што веќе некое време беше јасно, сега доби и потврда: Оливие Жиру по крајот на сезоната си заминува од редовите на Милан. Францускиот ветеран ќе ги одигра последните два натпревари во дресот на „росонерите“ против Торино на гости и дома со Салернитана, па на последниот меч од сезоната ќе се прости и од „Сан Сиро“.

Жиру пристигна во Милан во 2021 година за нешто помалку од пет милиони евра. Многумина сметаа дека тој ќе биде во сенката на Златан Ибрахимовиќ и ќе има епизодна улога, меѓутоа со своите погодоци беше важен дел од походот на „Скудетото“ пред две сезони. И за оваа сезона се предвидуваше дека „росонерите“ ќе донесат замена за 37-годишниот ветеран, меѓутоа повторно тој беше прва „деветка“ во тимот.

Досега оваа сезона Жиру одигра 45 натпревари за Милан, на кои постигна 16 погодоци и запиша двоцифрен број асистенции. Инаку, по доаѓањето на „Сан Сиро“ за овој клуб Французинот вкупно одигра 130 меча, на кои забележа 48 гола и 20 асистенции, со што Милан го сместува на второто место по број на настапи и голови во неговата кариера.

Самиот Оливие Жиру преку социјалните мрежи го најави своето заминување, откри дека ќе се пресели во МЛС лигата, меѓутоа не сакаше да каже во кој клуб. Сепак, одамна се знае дека францускиот ветеран се сели во Лос Анџелес, каде што се е готово и недостига само потпис и промоција.

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2024 – Сите права задржани