Владата бара да запре изградбата на стадионот во Тетово

by riste
2 минути читање

Владата на вчерашната седница донесе одлука за запирање на изградбата на стадионот во Тетово поради сомнеж за неправилности, но градоначалникот Биљал Касами нема намера да послуша.

Од Владата бараат да се разгледаат и правните основи за покренување на соодветна кривична пријава до надлежните организа поради незаконитости при изградбата на стадионот од Тетово.

„Владата, во разгледувањето, ја имаше предвид иницијативата до Уставниот суд, за оценување на уставноста и законитоста на постапките поврзани со Стадионот, а каде е посочено дека Новиот фудбалски стадион, со владина одлука во 2015 година, е даден на трајно користење, без надомест на Општина Тетово. Општината, како што е наведено, без законски основ, го дала Стадионот на трајно користење на ЈП „Тетово транспорт“. Дури, градоначалникот на Општина Тетово, Општина Тетово и ЈП „Тетово транспорт“, на јавен настан промовирале проект за рушење и изградба нов градски стадион. Влада при носењето на заклучоците на денешната седница ги зеде предвид и одредбите на Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост, според коишто, надлежност да дава на трајно користење и да утврдува престанок на корисничко право, има само Владата на Република Северна Македонија. Заклучено е, Генералниот секретаријат на Владата да подготви комплетна информација во врска со статусот на објектот Нов фудбалски стадион – Тетово, КП бр. 11476. Во меѓувреме, да се испрати укажување до Општина Тетово, да се прекине со работите на теренот, додека нема правна разврска на случајот. Исто така, Владата одлучи да се обрати со препорака до Уставниот суд, да ја земе предвид итноста на овој случај и да се произнесе во врска со поднесената Иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на постапувањето во него. Владата заклучи и да се разгледаат правни основи, согласно Кривичниот законик, за покренување соодветна пријава до надлежните органи, во врска со овој случај“, се вели во одлуката на Владата.

Но, градоначалникот на Тетово, Биљал Касами нема намера да ја спроведе одлуката на Владата.

„Овој пат носејќи одлука за стопирање на работите на стадионот на град Тетово. Уште еднаш докажавте кој сте, докажавте дека само зло и направивте на оваа држава! Вашите денови се избројани, со вакви одлуки не не спречувате да работиме за нашите граѓани. Стадионот ќе се гради, и да не ви се допаѓа. Тетово и сите градови во државата ќе се градат и развиваат како што заслужуваат“, напиша Касами.

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2024 – Сите права задржани