Шкотска со минимални 1-0 го совлада Хаити во натпреварот од првото коло во Групата Ц на Светското првенство и ги освои првите три бода на турнирот.
Моментот на одлука се случи во 28. минута кога Џон Мекгин ја затресе мрежата на Хаити и го постави конечниот резултат. Сепак, по натпреварот најмногу се зборува за спорна судиска одлука во завршницата. Во 78. минута фудбалерите на Хаити бараа пенал по игра со рака во шеснаесетникот на Шкотска, но главниот судија Мустафа Горбал не покажа на белата точка. И покрај протестите, немаше ниту реакција од ВАР собата.
Спорниот момент веднаш предизвика бројни коментари, бидејќи многумина сметаат дека ситуацијата заслужувала дополнителна проверка. Со оглед на тоа што натпреварот заврши со минимална победа на Шкотска, одлуката дополнително ја зголеми дебатата околу судењето на Мундијалот.
Ова е уште една контроверзна ситуација на турнирот, откако претходно реакции предизвика и дуелот меѓу Швајцарија и Катар.