Денеска со почеток од 17 часот на тренинг-центарот на ФФМ, „Петар Милошевски“, Академија Пандев ќе ја пречека Лехија Гдањск во реванш дуел од квалификациите за Конференциската лига, првиот меч заврши со победа на полскиот тим од 4-1.
Македонската полиција денеска се очекува да има полни раце работа со обезбедувањето на протестот пред Собранието на Македонија каде е закажана седницата за францускиот предлог, а гостинка ќе биде и претседателката на Европската комисија на ЕУ, Урсула фон дер Лајен.
Протестите пред Собрание се закажани за 12 часот, а неколку метри подалеку се собираат полски хулигани, ултрас навивачите на Лехија Гдањск кои во сопствена режија допатуваа во Скопје.
Според информациите кои тие ги споделуваат на социјалните мрежи, нивното збирно место е „Ајриш паб“ во центарот на градот, од 13 часот. Таму ќе останат неколку часа, а потоа во група ќе маршираат кон Ново Лисиче каде ќе се игра натпреварот.
Лесна околност за македонската полиција е фактот што Академија Пандев нема ултрас навивачи, па нема да има инциденти меѓу навивачки групи, но полските навивачи многупати покажале дека не им се потребни противнички фанови за да направат нереди.
Мечот во Полска меѓу Лехија и Академија Пандев беше во прекин половина час затоа што навивачите на полскиот тим меѓусебно се тепаа на трибините.
Нивниот марш кон тренинг центарот „Петар Милошевски“ и нивното присуство на стадионот мора да биде обезбедувано од специјалните сили на македонската полиција.