Емотивни сцени беа видени во Холандија по натпреварот меѓу НАЦ Бреда и Венло, кој домаќините го загубија со 0-2. Сепак, резултатот остана во втор план поради моментот што следуваше по последниот свиреж.
Целиот стадион се обедини во знак на поддршка за фудбалерот на НАЦ Бреда, Матс Сеутјенс и неговата партнерка Елба, кои само неколку дена претходно ја загубија својата новородена ќерка.
Клубот во средата ја соопшти трагичната вест, нагласувајќи дека станува збор за загуба која е невозможно да се опише со зборови. И покрај огромната семејна болка, Сеутјенс реши да се врати на теренот и само два дена подоцна повторно да го облече дресот на НАЦ.

По натпреварот следуваше сцена која ги остави без зборови сите присутни. Рефлекторите на стадионот беа изгасени, а околу 20.000 светла од трибините го осветлија објектот. Навивачите останаа на своите места, пееја и со својот гест им порачаа на Матс и Елба дека во најтешкиот период од нивниот живот не се сами.
Целиот стадион беше осветлен во чест на малата Селин, а на трибините се појави и порака која дополнително ги разнежни присутните:
„Небото доби уште една мала ѕвезда.“
Матс и Елба излегоа пред навивачите, кои ги пречекаа со громогласен аплауз, овации и песна. Емоциите беа пресилни за фудбалерот на НАЦ, кој не успеа да ги задржи солзите.
Zoveel meer dan voetbal.. 💛🖤#NACpraat pic.twitter.com/2IaY10Bg4Q
— NAC Breda 💛🖤 (@NACnl) August 14, 2026