Важеше за „вундеркид“, дебитираше за Борусија на 16 години – а сега е пред трансфер во Данска!

by 24 фудбал
1 минути читање

Јусуфа Мукоко важеше за едно од најголемите фудбалски ветувања во светот со само 12 години дебитираше за младинската селекција на Германија, рушеше рекорди во младинските категории на Борусија Дортмунд, а во сениорскиот тим дебитираше со 16 години. Сепак, по 99 настапи и 18 гола во првиот тим, не успеа да се наметне како стандарден напаѓач.

Минатата сезона ја мина на позајмица во француска Ница, каде во 22 натпревари постигна два гола и запиша три асистенции. Сега, според информациите на Фабрицио Романо, блиску е до трансфер во Копенхаген за сума од околу пет милиони евра. Пазарната вредност на Мукоко, според „Трансфермаркт“, е 10 милиони евра, но е во пад.

Во позадина на неговата фудбалска приказна стои и контроверзија дел од германските медиуми тврдат дека Мукоко всушност е постар отколку што стои во документите и дека е роден во 2000, а не во 2004 година. Обвиненијата се базираат на сведочење од човекот кој со години се претставува како негов татко, но Борусија и германските институции стојат зад официјалната верзија.

И покрај тоа, трансферот во Данска би можел да значи нов почеток за играчот кој на 16 години стана најмлад стрелец во историјата на Бундеслигата. Дали конечно ќе го исполни огромниот потенцијал што му беше припишан на стартот од кариерата останува да се види.

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2025 – Сите права задржани

×