Вардар со победа против Башкими ќе се доближи до врвот

by riste
1 минути читање

Денеска на програмата е само еден меч од Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), Вардар му гостува на Башкими и со три бода може да скрати од предноста на Шкендија.

Вчера Шкендија одигра само реми на гостувањето кај Арсими, а нерешено заврши и мечот меѓу Тиквеш и Струга, па победа на Вардар денеска ќе биде исклучително корисна за црвено-црните.

Ако ги освојат трите бода ќе го минат тиквеш на табелата, ќе дојдат на минус еден до втората Струга и на минус три до лидерот, екипата на Шкендија.

Вардарци со победа над Арсими го почнаа поглавјето на новиот тренер „Гроф“. Но, и Башкими е во позитивен момент, тие славеа гостинска победа кај Скопје во ПМФЛ, а во Купот на Македонија беа убедливи против Коњари.

„Вардар секогаш оди на победа, планот е да се освојат трите бода против Башкими во Куманово. Сакаме да влеземе во победничка серија и се искачиме кон лидерските позиции на табелата. Го респектираме Башкими, но веруваме дека сме подобри и тоа треба да го докажеме на денешниот меч“, вели голманот Давор Талески.

Фудбалерот на Башкими, Луис Рибеиро верува дека може да падне Вардар во Куманово.

„Пресметките против Вардар секогаш носат посебен мотив и емоција. Сакаме полни трибини и нова победа за продолжување на низата. Ги поканувам сите навивачи да ни дадат ветер во грбот, па на крајот заедно да славиме“, порача Рибеиро.

Натпреварот се игра од 16 часот со директен пренос на Арена М3 Премиум.

Фото: Леонид Велинов/ФК Вардар

Можно е и ова да ти се допаѓа

×