Суданскиот клуб Ал-Хилал постигна подвиг каков што никогаш досега не е виден и во само две години освои три титули во три различни држави.
Станува збор за една од најневеројатните и најнеобичните спортски приказни во модерната фудбалска историја.
Сè започна од тешка ситуација откако поради тешката граѓанска војна што избувна во Судан во април 2023 година, домашното фудбалско првенство беше целосно прекинато. За да не пропадне клубот и играчите да останат во натпреварувачки ритам, управата мораше да бара решенија во странство.
Фудбалскиот сојуз на Мавританија ги покани Ал-Хилал, заедно со нивниот голем ривал Ал-Мерих, да учествуваат во нивното национално првенство. И покрај тоа што беа гости и настапуваа во услови на егзил, Ал-Хилал брзо се адаптираше и на почетокот на 2025 година ја освои титулата шампион на мавританската Супер Д1 лига, прекинувајќи седумгодишна доминација на ФК Нуадибу.
Потоа клубот накратко се врати во татковината за да одигра специјален скратен формат на домашното првенство, организиран во јуни 2025 година. Целта на турнирот беше да се одреди кои клубови ќе ја претставуваат земјата во Африканската Лига на шампиони. И покрај тоа што поради безбедносната состојба дел од странските играчи одбија да се вратат, домашните фудбалери на Ал-Хилал успеаја да го освојат и тој турнир и да го подигнат трофејот во Судан.
Во потрага по стабилност и континуитет, Ал-Хилал за актуелната сезона се пресели во Руанда. Со посебна дозвола од локалната фудбалска федерација клубот настапуваше во првата лига на земјата. Таму целосно доминираше, ги совлада локалните гиганти и пред неколку дена и официјално стана шампион на Руанда.