Судискиот одбор на УЕФА во пресрет на новата сезона донесе појасни критериуми за проценка на играњето со рака, со цел во Лигата на шампионите, Лигата на Европа и Конференциската лига да се избегнат различни толкувања на исти ситуации.
Една од најважните промени се однесува токму на играњето со рака во казнениот простор, а УЕФА како пример ја издвоји спорната ситуација од минатосезонското четвртфинале на Лигата на шампионите меѓу Барселона и Атлетико Мадрид.
Имено, Марк Пубил во 54. минута од натпреварот ја допре топката со рака откако голманот Хуан Мусо ја врати во игра. Романскиот судија Иштван Ковач тогаш не досуди пенал, а не реагираше ниту ВАР-собата.
Според новите критериуми на УЕФА, идентична ситуација во новата сезона би била санкционирана со пенал.
Промените пред медиумите, во пресрет на ждрепката за Лигата на шампионите во Монте Карло, ги претстави Роберто Росети, главниот судиски службеник на УЕФА.
„Моравме да го затвориме тоа поглавје“, порача Росети.
Според новите насоки, кога топката е на земја и е во игра, играчот не смее намерно да ја земе или допре со рака, без оглед на тоа дали противничкиот фудбалер се наоѓа во негова непосредна близина.
„Не сакаме да го напаѓаме духот на фудбалската игра. Доста ни е од различни толкувања и на овој начин ќе ги запреме. Мораме да бидеме доследни и не е важно дали другите играчи се наоѓаат во близина или не“, објасни Росети.
Барселона по спорниот натпревар поднесе официјална жалба до УЕФА поради судењето. Во каталонскиот клуб особено го проблематизираа фактот што Ковач не покажа на белата точка, но ниту ВАР не интервенираше.