Работнички и Силекс и по третпат без победник, ново реми без голови во генералката пред Европа. На теренот крај ФФМ, двата македонски претставника во Конференциската лига го одиграа последниот тест пред европските предизвици и уште еднаш завршија без победник. Како и во првиот дуел, натпреварот заврши 0-0.
Ова беше трет пријателски дуел меѓу Работнички и Силекс летово. Првиот заврши 0-0, потоа следуваше реми со по гол (1-1) и сега одново без погодоци.
Натпреварот на теренот „Петар Милошевски“ имаше и дополнително значење, бидејќи беше користен за тестирање на ВАР-технологијата. Судиите и операторите кои се во обука имаа можност на лице место да го применат наученото.
Силекс ќе се сретне со Дечиќ од Црна Гора, а Работнички ќе игра против белоруски Торпедо во првото квалификациско коло од Конференциската лига.