Бразилскиот фудбалер Савињо сака да го напушти Манчестер Сити до крајот на летниот преоден рок, бидејќи не е задоволен од минутажата што ја добива во тимот кој до пред два месеци го водеше Пеп Гвардиола, а сега го наследи Енцо Мареска..
21-годишниот офанзивец смета дека е време за нов предизвик во кариерата и клуб во кој ќе има многу поважна улога. Иако минатата сезона настапи на 36 натпревари во сите конкуренции, најголемиот дел од нив беа како играч од клупата или во рамките на ротацијата. Вкупно одигра 1.502 минути, постигна четири гола и запиша две асистенции, но не успеа да се наметне како стандарден првотимец.
Според англиските медиуми, Савињо веќе ја известил управата на Манчестер Сити за својата намера, а клубот во наредниот период ќе треба да донесе одлука околу неговата иднина. На „Етихад“ не сакаат лесно да се разделат со еден од најталентираните млади фудбалери, па на маса се неколку можни решенија, меѓу кои продажба, позајмица или негово останување во клубот.
До крајот на преодниот рок се очекува интерес од повеќе европски екипи, кои внимателно ја следат ситуацијата околу Бразилецот. Поради неговиот потенцијал, Савињо би можел да биде едно од позвучните имиња во финишот на летниот трансфер период.