Пред утрешниот дуел меѓу Македонија и Шкотска, за „е-магазинот“ на Фудбалската федерација на Македонија говореше Кристијан Трапановски, фудбалер кој моментално е без клуб, но зад себе има две сезони во шкотскиот фудбал, каде што го носеше дресот на Данди јунајтед.
Трапановски има 44 настапи за младинските и сениорската репрезентација на Македонија, почнувајќи од селекциите до 17, 19 и 21 година, па сè до А-репрезентацијата.
Тој очекува неизвесен и квалитетен натпревар против Шкотска, селекција која, според него, располага со јасно поставена игра и голема физичка сила.
„Очекувам тежок и квалитетен натпревар против сериозна репрезентација како Шкотска. Имаат јасен систем на игра, физички се многу силни и имаат континуитет, но верувам дека и ние имаме квалитет и карактер за да се спротивставиме. И двете селекции ќе сакаат резултат, па најверојатно деталите ќе го решат натпреварот“, вели Трапановски.
Според него, шансите за победа на двете страни се изедначени. Македонскиот репрезентативец верува дека нашиот тим има квалитет со кој може да создаде проблеми за шкотската одбрана.
„Имаме фудбалери кои во транзицијата и во офанзивата можат да направат разлика. Најважно е да играме со самодоверба и да веруваме во сопствените можности. Кога сме храбри и максимално фокусирани, можеме да изгледаме многу моќно и да се надигруваме со секого“, порача Трапановски.
Тој во моментов е во процес на рехабилитација по операцијата на коленото, која ја имаше на 1 април годинава. Според информациите, закрепнувањето се одвива во најдобар ред, а Трапановски е близу до целосно враќање на тренинзите и натпреварите.