Тиквеш го дочекува Арсими во првиот меч од новата сезона на ПМФЛ

by 24 фудбал
2 минути читање

Фудбалерите на Тиквеш ќе го дочекаат тимот на Арсими во првиот натпревар од сезоната 2026/27 во Првата македонска фудбалска лига.

Пред средбата во Кавадарци, своите очекувања ги сподели квалитетниот голман на домаќинот Христијан Стевковски.

Поминавме одлични подготовки, каде игравме со тешки противници и имавме шанса да видиме каде треба да се поправам, а каде сме добри. Првенството сега почнува побрзо од минатите години, и тие грешки не смеат да се повторуваат затоа што целта наша на секој натпревар ќе биде да одиме на победа и што е можно на повисок пласман на крајот на сезоната. Првото коло е најтешко, без разлика на противникот. Но, мислам дека доколку играме дисциплинирано и ги исполниме задачите од нашиот стручен штаб, ќе стигнеме до победа и на најдобар начин ќе ја стартуваме сезоната. Арсими има добра екипа која заслужува почит. Тоа го покажа минатата сезона и очекувам тврд натпревар како за прво коло, и нијанси да одлучуваат. Верувам дека со поддршката на нашите навивачи ќе се израдуваме на победа“, вели Стевковски.

Во пресрет на првиот натпревар, тренерот на Арсими, Вилдан Салиу, изрази задоволство од сработеното во подготвителниот период.

По неколку недели интензивни подготовки можам да кажам дека сме задоволни од начинот на кој помина пред сезонската фаза. Играчите работеа максимално посветено на секој тренинг, покажувајќи дисциплина, професионализам и желба секојдневно да напредуваат. Резултатите од овие натпревари беа важни, но уште поважен беше напредокот што тимот го покажа од ден на ден. Секако, има уште сегменти во кои можеме да се подобриме, но тоа е нормално на почетокот од сезоната. Нашиот фокус сега е целосно насочен кон отворањето на сезоната против Тиквеш во Кавадарци. Максимално го респектираме противникот и знаеме дека нè очекува тежок натпревар, но имаме доверба во работата што ја направивме во овој период. Верувам дека екипата е подготвена физички, тактички и психолошки за да ја започне сезоната на најдобар можен начин. Ќе го дадеме нашиот максимум на теренот за достоинствено да ги претставуваме клубот, градот и нашите навивачи. Се надеваме дека со посветеност, карактер и натпреварувачки дух ќе оствариме позитивен резултат во Кавадарци и ќе ја започнеме сезоната со победнички чекор. Арсими во новата сезона сака да го продолжи својот развој и да се наметне како еден од сериозните кандидати за место во горниот дел од табелата во ПМФЛ“, изјави Салиу.

Средбата на „Градскиот стадион“ во Кавадарци се игра во терминот од 17:00 часот.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×