Суеверните парижани имале посебна желба пред реваншот, Баерн не им ја исполнил

by Стефан
1 минути читање

Фудбалерите на Пари Сен Жермен во среда гостуваат кај Баерн Минхен во реванш натпреварот од полуфиналето на Лигата на шампионите, каде ќе ја бранат предноста од 5-4 од првиот дуел. „Светците“ од Париз ќе пристигнат во Минхен во вторник, а овој натпревар има и интересна увертира која ја открива „Л’Екип“.

Како што пишува угледниот француски медиум, Парижаните пред овој натпревар сакале да бидат сместени во истиот хотел каде што ќе престојуваат и фудбалерите на Баерн. Станува збор за хотелот „Инфинити“, кој за ПСЖ има посебно значење, бидејќи токму таму играчите престојуваа минатата година пред финалето во Лигата на шампионите, во кое со убедливи 5-0 го декласираа Интер.

Суеверните Парижани сега повторно сакале да бидат во „Инфинити“, бидејќи веруваат дека овој хотел им носи среќа. Тие упатиле барање да бидат сместени таму, но проблемот е што во истиот хотел се наоѓаат и фудбалерите на Баерн пред натпреварот.

Тренерот на Баерн Минхен, Винсент Компани исто така доби прашање на оваа тема.

„Ова е наш град. Остануваме во ‘Инфинити’. Не се откажуваме од нашиот домашен хотел. Ова е наша домашна средина и наш град“, порача Компани.

Поради тоа, ПСЖ бил приморан да најде друг хотел, а според последните информации, тие ќе бидат сместени во хотелот „Андаз“ кој исто така е поволно лоциран во близина на автопатот А9 кон „Алијанц Арената“.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×