Александар Ристевски останува дел од Пелистер и за сезоната 2025/26, откако клубот од Битола го продолжи договорот со искусниот стопер, кој важи за еден од лидерите во соблекувалната.
Пелистер почна со екипирање за новата натпреварувачка година, а продолжувањето на соработката со 32-годишниот дефанзивец е првиот официјален потег. Ристевски и понатаму ќе биде еден од столбовите на одбраната на „зелено-белите“, тим во кој веќе остави значаен белег.
Зад него е богата кариера во македонскиот фудбал, претходно има настапувано за Металург, Скопје, Победа, Ренова, Струга Трим Љум, Работнички и Брера, а во странство играше за Влазнија во елитната лига на Албанија.
Со неговото останување, Пелистер добива стабилност, лидерство и искуство во задниот ред, што ќе биде клучно во предизвиците што следуваат во новата сезона.