Медиумите од Италија пренесуваат дека сопственикот на Милан, Гери Кардинале е лут на Макс Алегри и барањата за обесштетување од околу 5 милиони евра за него и неговиот стручен штаб.
„Росонерите“ му врачија отказ на Макс Алегри веднаш по неуспехот да обезбеди место во Лигата на шампиони, а во големата реконструкција на клубот беа разрешени и извршениот директор Џорџо Фурлани, спортскиот директор Игли Таре и техничкиот директор Џофри Монкада.
Иако веќе се поврзува со клупата на Наполи, Макс Алегри се уште има важечки договор со Милан до летото 2027 година, па пред да ја преземе новата функција, мора да пронајде согласност за прекин на соработката.
Се очекуваше двете страни брзо да најдат заеднички јазик, но разговорите заглавиле поради финансиските барања на искусниот стратег.
Според „Калчомеркато“, Макс Алегри бара два милиони обесштетување за себе, и уште 3 милиони евра за членовите на својот стручен штаб.
Сопственикот Гери Кардинале пак е лут и не може да поверува дека треба да плати 5 милиони евра за тренерски тим кој не ги исполни амбициите на клубот.
Од ситуацијата е засегнат и Наполи, кој не сака вечно да чека, па како што пренесува Спортмедиасет, Аурелио Де Лаурентис поставил рок од седум дена за нејзино разрешување.