Тренерот на Барселона, Ханси Флик вели дека ќе има промени во стартниот состав против Виљареал но не планира да ги поштеди играчите кои лудо славеа по освоената титула во Ла Лига.
„Каталонците“ со победата над Еспањол ја обезбедија титулата во Ла Лига на две кола пред крајот, па немаат за што да играат против Виљареал.
Но и покрај тоа, Ханси Флик вели дека нема да има опуштање и ќе одат на победа против „жолтата подморница“.
„Секако дека ќе направиме неколку промени, ќе почекаме до утре. Многу од играчите се забавуваа и славеа до доцна во ноќта. Но ако можат да се забавуваат, тогаш можат и да играат. Нема изговори“ – порача тренерот на средбата со новинарите.
„Сакам да ја завршиме сезоната онака како што ја започнавме. Ова е нашиот последен натпревар на домашен терен и сакам да победиме. Сакам да ја завршиме сезоната како шампиони. Оваа година немаме пораз во Ла Лига и сакам така и да остане“.
Ханси Флик претходно најави дека размислува на терен да излезе со 11 фудбалери од Ла Масиа, па останува да се види каков ќе биде изборот на Германецот.