Слободно може да се каже дека Манчестер Сити е првиот финалист во Лига купот и покрај тоа што има уште 90 минути фудбал. „Граѓаните“ вечерва немаа милост за Бартон, Пеп Гвардиола на терен испрати прилично силен состав, па актуелниот шампион ја наполни мрежата на третолигашот.
Дури шест различни играчи беа стрелци, а Габриел Жесус постигна четири погодоци.
Гол серијата почна рано, Де Брујне уште во 5. минута го отвори резултатот. Бартон потоа пропушти 100% шанса да изедначи на 1-1, но Манчестер Сити брзо ги реши сите дилеми.
Жесус по половина час игра зголеми на 2-0, истиот играч погоди за 3-0 во 34. минута а пред полувремето реализираше и Зинченко за 4-0.
Бразилецот на стартот од вториот дел стигна до хет-трик и најави дебакл на гостите, нововлезениот Фоуден донесе 6-0, за само неколку минути подоцна Жесус одново да стрела прецизно.
До крајот на мечот погодија и Вокер и Махрез за убедливи 9-0 кои сепак не се рекорд во Лига купот, ниту пак највисока победа за Манчестер Сити, ниту пак највисока победа во кариерата на Пеп Гвардиола (со Барса славеше против Хоспиталет со 9-0). Мала утеха е тоа што ова е највисоката победа во полуфинале од Лига купот, и најголема победа за „граѓаните“ од 1987 година па наваму.