Во таборот на Шпанија владее разочарување по ремито без голови против Зеленортските Острови на Светското првенство, но никој не размислува за паника. „Црвената фурија“ доминираше на теренот, но не успеа да ја претвори иницијативата во победа.
Голманот Унаи Симон призна дека резултатот е големо предупредување за неговата селекција.
„Нема да го негираме очигледното. Сакавме победа и во мислите ни беа само трите бода. Но, тоа што сте подобро рангирани на ФИФА листата не значи дека автоматски ќе победите, и противникот игра. Најмногу жалам што не успеавме да постигнеме гол, а искрено не ни се сеќавам кога последен пат завршивме натпревар без погодок“, изјави Симон.
По последниот свиреж на стадионот „Мерцедес-Бенз“, Шпанците беа видно разочарани. Сепак, во шпанскиот табор веруваат дека ова е само лош ден и дека амбициите за висок пласман остануваат непроменети.