Настапот на Нико Паз на Светското првенство е доведен под знак прашалник поради повредата на коленото што ја заработи во претпоследниот натпревар од сезоната. Иако првично се веруваше дека станува збор за полесна повреда, сѐ поголемите сомнежи околу нејзината сериозност и времето потребно за закрепнување предизвикуваат загриженост во аргентинската репрезентација, пренесува „АС“.
Фудбалерот од средниот ред на Комо и натаму има проблеми при движењето по ударот во коленото што го заработи на натпреварот против Верона, поради што ги пропушти и последните две средби од сезоната. Почетниот оптимизам за брзо враќање на теренот значително спласна во изминатите денови, а сега постојат сомнежи дека повредата можеби е посериозна и не се однесува само на мускулите.
Неговата состојба ќе се следи од ден на ден пред да биде донесена конечната одлука, но во моментов неговиот настап на Светското првенство се смета за неизвесен.
По одличната сезона и импресивните настапи, Паз беше проектиран како еден од клучните фудбалери во новата генерација на аргентинската репрезентација. Неговото евентуално отсуство би претставувало сериозен удар за актуелниот светски шампион, кој по пензионирањето на Анхел Ди Марија има потреба од креативни и играчи каков што е токму Паз.