Актуелниот шампион на Саудиска Арабија, Ал Наср се соочува со сериозни финансиски проблеми, откако неговиот долг надмина 800 милиони саудиски ријали, што изнесува околу 200 милиони евра. Поради тоа, клубот е целосно неактивен во летниот преоден рок и во моментов не може да регистрира нови фудбалери.
Финансиската блокада директно влијаеше врз плановите за засилување на тимот. Иако беше постигнат договор со шпанска Мајорка за трансферот на португалскиот играч за врска Саму Кошта, зделката не беше реализирана. Исто така, прекинати се и преговорите за продолжување на договорот со еден од поважните фудбалери во тимот, Абдулрахман Гариб.
Според саудиските медиуми огромниот долг е последица на финансиските одлуки донесени во текот на минатата сезона.
Саудискиот јавен инвестициски фонд кој е сопственик на Ал Наср, веќе подготви стратегија во три чекори со цел да го стабилизира клубот, да ја заштити неговата вредност и да спречи натамошно создавање долгови.
Првиот чекор предвидува ограничување на финансиските овластувања на сегашната управа, поради што клубот во моментов не може да ангажира нови засилувања. Според „Арријадија“, Ал Наср нема да може да потпишува нови играчи доколку управата самостојно не обезбеди средства од сопствени приходи.
Вториот дел од планот предвидува ангажирање надворешни финансиски, комерцијални и правни советници. Нивната задача ќе биде да ги зголемат приходите, да ги намалат трошоците и да предложат конкретни решенија со јасно утврдени рокови за финансиско закрепнување на клубот.
Третиот и последен чекор е разгледување на понудите за продажба на клубот. ПИФ веќе примил две понуди за преземање на Ал Наср, иако, според информациите, фондот повеќе ја преферира опцијата за продажба на дел од сопственичкиот удел.
Навивачите се надеваат на брзо решение, а како позитивен пример го посочуваат градскиот ривал Ал Хилал. Овој клуб во април минатата година беше преземен од компанијата „Кингдом Холдинг Компани“, која е во сопственост на принцот Ал-Валид бин Талал, по што клубот доби поголема финансиска стабилност.