Претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, на денешната средба со новинарите се осврна на повеќе актуелни теми поврзани со македонскиот фудбал, меѓу кои инфраструктурните проекти, состојбите во клубовите и прашањата за регуларноста на натпреварувањата.
Говорејќи за реконструкцијата на стадионот во Тетово, Омерагиќ истакна дека Фудбалската федерација на Македонија обезбедила финансиска поддршка од 700.000 евра за изградба на трибините, но според него, од раководството на Шкендија не покажале интерес за таква помош.
„Шкендија за новата сезона нема пријавено нов стадион, иако на постојниот се вршат градежни работи. Од наша страна беше најавена поддршка од 700.000 евра за трибините во Тетово, но на неколку заеднички состаноци добив одговор дека помошта не им е потребна. Не сум човек што ќе инсистира или ќе моли некого да ја прифати“, изјави првиот човек на ФФМ.
Омерагиќ се осврна и на условната казна што УЕФА му ја изрече на Вардар, потенцирајќи дека ФФМ нема никакво влијание врз одлуките што ги носи европската куќа на фудбалот и дека федерацијата не учествува во тие постапки.