Денеска беше објавен распоредот за новата сезона во Првата лига, а големо дерби ќе гледаме веќе во второто коло, додека актуелниот шампион Вардар одбраната на титулата ќе ја почне со повратникот во најсилната конкуренција.
„Црвено-црните“ одбраната на шампионската титула ќе ја отворат на домашен терен против Брегалница, а веќе во следните две кола ги очекуваат дерби дуели. Во второто коло во Скопје пристигнува Шкендија за првото големо дерби во новиот шампионат, а веднаш потоа Вардар ќе гостува кај Струга која исто така има амбиции за највисок пласман.
Новата сезона во Првата лига започнува на 25 јули, додека есенскиот дел од првенството ќе биде заокружен на 12 и 13 декември, по што следува зимска пауза. И оваа сезона ќе се игра по четирикружен систем, што значи дека секоја екипа ќе се сретне со секој противник четири пати, двапати како домаќин и двапати на гостински терен.
