Фудбалерите на Шкендија ќе го дочекаат Башкими во натпревар од 29. коло на ПМФЛ. Актуелниот првак мора да победува, особено бидејќи Вардар веќе со стил си ја заврши задачата од оваа рунда.
Тетовци ќе го дочекаат ривалот од Куманово, а пред натпреварот своите очекувања ги сподели голманот Бубакар Гаје.
„Мораме да го сфатиме овој натпревар многу сериозно. Најопасните мечеви се против тимовите кои се борат за опстанок, затоа што тие секогаш наоѓаат мотивација против оние екипи кои се борат за највисок пласман. Мораме да бидеме фокусирани од првата до последната секунда, да не правиме грешки и да ја контролираме играта. Нашата цел сезонава е двојна круна, односно титула во шампионатот и пехар во Купот на Македонија“, изјави голманот.
Од таборот на Башкими се обрати Мухарем Мислими кој нагласи дека ова ќе им биде најтешкиот натпревар сезонава.
„Натпреварот во Тетово ќе биде најтешкиот за нас оваа сезона, бидејќи играме против екипа за која победата е императив. Со отсуството на двајцата централни дефанзивци и капитенот Арменд Алими поради картони, оваа средба за нас е мисија која, доколку успешно ја завршиме, со златни букви ќе биде запишана во клупските анали. Очекувам гладијаторска борба – едната страна се бори за титула, а другата за спас од баражот“, смета Мислими.
Натпреварот меѓу Шкендија и Башкими ќе се одигра во Тетово во терминот од 16:00 часот.