Денеска се отвора 28. коло од Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), на програмата се два натпревари, Шкендија му гостува на Тиквеш во Кавадарци, а Силекс во Кратово ќе го пречека тимот на Брера.
Шкендија води голема битка со Вардар за шампионската титула, па секој меч им е финале до крајот на сезоната, немаат право на кикс.
Тиквеш е еден од најдобрите тимови во вториот дел од сезоната, во минатото коло ја победи Струга на гостински терен, а во последните седум натпревари има дури пет победи.
„Имавме многу густ распоред сезонава, и постои еден вид физички замор, но заморот не постои во нашите глави. Добро сме подготвени за предизвикот и против Тиквеш подготвени сме да дадеме максимум. Поразот од Пелистер ни послужи како лекција каде треба да се подобриме, а тоа го покажавме со победата на следниот меч. Сега сме во фаза каде што секој натпревар до крајот ќе биде како финале. Ќе го дадеме максимумот на секој меч, одиме на победа против сите противници. Мечот со Тиквеш ќе биде за нас посебна приказна, и не треба да се базираме на минатите резултати. Играме против квалитетен тим, па затоа е потребна максимална концентрација. Натпреварите против нив се секогаш отворени, и изобилуваат со добар фудбал. Одиме во Кавадарци со една цел – да ги освоиме трите бода“, вели играчот на Шкендија, Ване Крстевски.
Фудбалерот на Тиквеш, Никола Најдовски ја потенцира одличната атмосфера во тимот и верува дека може да ги освојат бодовите.
„Одигравме еден навистина добар натпревар во Струга, кој беше исклучително важен за нас. Овие три бода ни значат многу и беа клучни во овој момент. Атмосферата во тимот е одлична и продолжуваме со позитивна енергија понатаму. Добро го почнавме претходниот натпревар со Шкендија, први постигнавме гол и имавме контрола во првото полувреме. Сепак, во вториот дел дојде до пад на концентрацијата и натпреварот не се одвиваше како што ние посакувавме, па противникот знаеше да го искористи тој момент. Очекувам еден интересен и возбудлив натпревар, со многу динамика и борба, кој ќе биде атрактивен за гледање. Ја респектираме Шкендија, станува збор за квалитетен противник, но доколку бидеме максимално концентрирани и ги исполниме тактичките замисли во целост, верувам дека можеме да дојдеме до бодови“, рече Никола Најдовски.
Натпреварот меѓу Тиквеш и Шкендија почнува од 15 часот, а два часа претходно ќе започне пресметката меѓу Силекс и Брера.
Брера води жестока борба за опстанок, па во Кратово ќе оди по целиот плен.
„На последните два меча ремизиравме, а бодови ни се потребни за да ја оствариме нашата цел. Имаме респект за Силекс, кој повторно ја пронајде својата добра форма, но ние посакуваме успех на ова гостување во Кратово. Нема да биде лесно, но ќе сториме сѐ да ја оствариме нашата цел“, порачува стратегот на АП Брера, Мартин Алаѓозовски.
Силекс е во сигурна позиција, но голманот на Силекс, Љупче Џеков вели дека ќе одиграат максимално за да дојдат до победата.
„Радува добрата форма во нашиот тим, и сега посакуваме оваа победничка серија да потрае. Се додека имаме шанси за тоа трето место, ние ќе се бориме до крај. Играме против АП Брера, тим кој има мотиви да се бори за опстанок, но имаме и ние мотиви да освојуваме бодови за да се пласираме место погоре на крајот од првенството. За нас денешниот меч е како сите останати, одиме по нашата цел да ги освоиме бодовите, да ја играме нашата игра, да ги исполниме задачите од стручниот штаб и се надевам дека тоа ќе биде доволно на крај да стигнеме до победа“, рече голманот на Силекс, Љупче Џеков.
ПМФЛ 28. коло:
Петок
Силекс – Брера 13:00
Тиквеш – Шкендија 15:00
Сабота
Шкупи – Вардар 13:00
Пелистер – Македонија ЃП 15:00
Недела
Работнички – Арсими 13:00
Башкими – Струга 15:00