Шампионот ја почнува одбраната на тронот, прва пречка е Брегалница

by 24 фудбал
2 минути читање

Македонскиот првак Вардар на отворањето на новата сезона во Првата лига ќе ја пречека Брегалница на Националната Арена „Тодор Проески“ во Скопје. Меѓу двата европски дуели со Рига, вардарци максимално се фокусирани и на стартот на шампионатот во кој ќе бранат освоената титула лани.

Играчот за врска Димитар Тодоровски вели дека Вардар има обврска да освои три бода на стартот, затоа што амбициите на клубот се да се бори и да ги освои двата домашни пехари, во првенството и во Купот.

Почнува новата сезона, а Вардар ја брани титулата. Тоа значи дека имаме и обврска да играме во шампионски стил и да победуваме. Верувам дека ќе го наметнеме нашиот ритам и дека ќе успееме да дојдеме до триумф, иако имаме апсолутен респект за Брегалница. Штипјани имаат квалитетен тим и сигурно имаат што да понудат во Првата лига оваа сезона. Сепак, ние сме максимално фокусирани и нема да дозволиме да бидеме изненадени. Секој натпревар има своја важност, воопшто не го потценуваме домашното првенство во овој момент. Верувам дека стручниот штаб ќе ја распореди силата и енергијата во тимот и дека Вардар ќе стигне до три бода, секако и со помош од своите верни навивачи“, изјави Тодоровски.

И покрај тоа што ја препуштаат фаворитската улога на Вардар, од таборот на штипјани велат дека се подготвени да дадат максимум за добар резултат. Новото засилување на штипјани, Филип Алексовски ги искажа своите први впечатоци од новиот клуб и очекувањата од денешната средба со Вардар, како и од сезоната.

Среќен сум што сум дел од овој клуб. Од првиот ден сум одлично прифатен од соиграчите, стручниот штаб и сите во клубот, па тоа многу ми го олесни прилагодувањето. Очекувам да имаме успешна сезона како тим, да бидеме конкурентни на секој натпревар и да ги оствариме целите на клубот. Лично, се чувствувам максимално спремен и подготвен за тимот, ќе дадам максимум на секој тренинг и натпревар за да му помогнам на тимот и се надевам дека ќе постигнам многу голови со кои ќе ги израдувам навивачите. За натпреварот со Вардар знаеме дека нѐ очекува тежок противник, Вардар е фаворит, но верувам во нашиот квалитет и ако го дадеме максимумот, можеме да дојдеме до позитивен резултат на денешното гостување“, изјави Филип Алексовски.

Натпреварот се игра на националната арена „Тодор Проески“ во терминот од 17:00 часот.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×