Македонскиот репрезентативец, Никола Серафимов имаше одлична сезона во Залаегерсег, се промовираше како еден од најдобрите дефанзивци во лигата, беше дел од тимот на сезоната, па ова лето направи чекор напред во кариерата откако потпиша за МОЛ Фехервар.
„Унгарското првенство е четирипати подобро и посилно од македонското. Буквално во сѐ – од стадиони, тренинг-центри, генерално услови. Сѐ е подобро. Дури и интересот е поголем и кај медиумите, а најголема разлика е што во Унгарија играат многу подобри и домашни и странски фудбалери“, вели Серафимов.
За Серафимов минатата сезона е најдобра во неговата кариера, покрај одличните игри во унгарската лига, тој дебитираше и за сениорската репрезентација на Македонија.
„Мојата најдобра сезона е зад мене, играв многу мечеви, всушност пропуштив само два поради суспензии за картони, дадов четири гола и сето тоа беше извонредно. Ивмавме одлична сезона со ЗТЕ, без оглед што не заврши сезоната како што посакувавме. И како секој фудбалер, сон е да се игра за својот национален тим, а јас бев пресреќен кога успеав. Чекав осум-девет месеци за да добијам шанса да се покажам и потоа уживав во тие моменти. Победивме на двата меча на кои играв, така да можам да бидам презадоволен и сакам така да продолжам“.