Фудбалска сензација од големи размери се случи минатата ноќ во Аргентина, каде што скромниот клуб Платенсе испиша историја и стана шампион за првпат во своето 120-годишно постоење. Тимот од предградијата на Буенос Аирес во финалето го совлада Хуракан со минимални 1-0 и заслужено ја подигна својата прва шампионска титула.
Херој на натпреварот беше Гвидо Маинеро, кој во 63. минута со маестрален волеј од свртување ја затресе мрежата и донесе неизмерна радост за навивачите на Платенсе, кои долго сонуваа за ваков момент.
⚽️ GOL DO PLATENSE !
— GOL_TV (@GOL_TV_BR) June 1, 2025
G. Mainero | Huracán 0x1 Platense #TorneoApertura pic.twitter.com/evthglBMWT
Патот на Платенсе до титулата беше вистинска фудбалска бајка. Иако го завршија лигашкиот дел од сезоната на шестото место во групата Б, во нокаут фазата приредија вистински подвиг. Последователно ги елиминираа фудбалските великани Расинг, Ривер Плејт и Сан Лоренцо, за во големото финале да го скршат отпорот и на Хуракан.