Селекторот на Еквадор, Себастијан Бекасесе, не го криеше разочарувањето по поразот од Брегот на Слоновата Коска со 1-0 на стартот од Светското првенство.
Еквадорците имаа иницијатива, создадоа повеќе шанси и дури трипати ја погодија рамката од голот, но на крајот беа казнети со погодокот на Амад Дијало во 90. минута.
„Боли, ова беше неправеден пораз. Одигравме одличен натпревар, создадовме многу шанси и можевме да победиме. Но, поради еден детаљ на крајот останавме без ништо. Мора да ја задржиме вербата во тоа што го работиме. Покажавме дека можеме да бидеме рамноправни со секого. Сега најважно е да кренеме глава и да одговориме на вистински начин во следните натпревари“, изјави Бекасесе.
Со овој пораз Еквадор ја прекина серијата од 19 натпревари без неуспех. Сепак, селекторот верува дека неговата репрезентација и понатаму има реални шанси за пласман во осминафиналето.