Се подготвува голема „чистка“ во Барселона: Шестмина фудбалери се пред заминување

by Стефан
1 минути читање

Каталонскиот гигант Барселона се подготвува за сериозна летна реконструкција, а дел од планот е разделба со дури шестмина фудбалери. Според информации блиски до клубот, на списокот за заминување се најдоа: Ансу Фати, Роналд Араухо, Пау Виктор, Андреас Кристенсен, Ерик Гарсија и Пабло Торe.

Целта на раководството е јасна, да се oслободи платниот список и да се отвори простор за нови имиња без дополнителни финансиски притисоци. Во пресрет на летниот преоден рок, Барса сака да има флексибилност на трансфер-пазарот, особено поради строгите правила на Ла Лига околу финансискиот фер-плеј.

Сепак, не сите имиња се ставени на „распродажба“ под исти услови. Уругвајскиот стопер Роналд Араухо би можел да замине само доколку пристигне „тешка“ понуда од елитен европски клуб, бидејќи Барса верува дека токму од него може да инкасира сериозен приход. Слична е ситуацијата и со Ерик Гарсија, кој одигра солидна завршница на сезоната и за кого заминување ќе се разгледува само ако понудата е финансиски примамлива.

Андреас Кристенсен е на листата на можни заминувања, но само под услов Барселона да успее да го донесе Џонатан Тах од Баер Леверкузен – еден од приоритетите на спортскиот директор Деко. Во спротивно, Данецот би останал како дел од ротацијата во одбраната.

Младиот Пабло Торе е речиси сигурен за заминување, при што клубот преферира трајна продажба со можност за откуп, наместо повторна позајмица. Интерес веќе покажале Виљареал, каде би бил замена за Алекс Баена, како и Реал Сосиедад, кој би можел да се прости со Браис Мендез.

Најмалку дилеми има околу Ансу Фати. Барса е решена да ја заврши оваа епизода и ќе се потруди што побрзо да го продаде фудбалерот кој не успеа да ги оправда очекувањата и покрај големиот потенцијал што го покажа на стартот на својата кариера.

Фото: Barcelona/X

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2025 – Сите права задржани