Реал Мадрид продолжува да ја води својата сезона на две фронтa – битката за титулата во Ла Лига и шансата за трофеј во Копа дел Реј. Иако тимот на Анчелоти игра стабилно, незадоволството кај навивачите е сè погласно по елиминацијата од Лигата на шампионите.
„Кралевите“ беа запрени во четвртфиналето од Арсенал, што предизвика разочарување кај публиката која е навикната на европски триумфи. Токму поради тоа, се зголемија притисоците кон управата и претседателот Флорентино Перез за амбициозно засилување на составот летово.
Шпанските медиуми откриваат дека агентите на Виктор Ѓокереш, напаѓачот кој блеска во дресот на Спортинг Лисабон, го понудиле шведскиот голгетер на мадридскиот гигант. Сепак, одговорот од Перез бил негативен.
Иако претседателот на Реал го цени талентот и формата на Ѓокереш, кој оваа сезона буквално ја „запали“ Европа со своите голови, цената од околу 100 милиони евра се покажала како пречка. Перез не смета дека ваквата инвестиција е оправдана, особено кога на пазарот веќе постојат и други опции кои се разгледуваат.
Во меѓувреме, интересот за Швеѓанецот не стивнува – Арсенал и Манчестер Јунајтед се во првите редови на клубови кои внимателно ја следат ситуацијата и се подготвени да дејствуваат.
Реал, пак, се подготвува за уште едно „Ел Класико“, овој пат во финалето на Копа дел Реј. Натпреварот против Барселона, закажан за утревечер од 22 часот, ќе биде клучен во обидот да се врати дел од изгубеното реноме по европскиот неуспех.
Со само пет кола до крајот на шампионатот и четири бода заостанување зад Барселона, тимот од „Сантијаго Бернабеу“ е решен да ја заврши сезоната со минимум еден трофеј – и силна порака за тоа што следи во летниот преоден рок.